Александра Миовска е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска од 6 септември 2018 година.
Од 5 март 2020 година, Александра Миовска е вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северна Македонија во Ирска, со седиште во Лондон.
Родена е во Скопје, во 1969 година.
Професионален ангажман
Дипломатската кариера, Александра Миовска ја започна на 06 февруари 1995 година со приемот во Министерството за надворешни работи како деск-офицер за земјите од Скандинавија во Управата за Западна Европа. Од 1998 до 2000 година, таа е Началник на Одделение за билатерала со ЕУ-земји во Управата за европски земји. Воедно, во тој период има остварено куси работни престои - испомош во ДКП – Стокхолм и ДКП – Хаг.
На крајот од 2000 година (до декември 2001) станува Помошник-раководител на Сектор за политички и економски прашања во Кабинет на МНР, а од 1 декември 2001 до крајот на 2005 година ја врши должноста Советник во Амбасадата на Република Македонија во Лондон. По враќањето од Обединетото Кралство, од 2006 до 2011 година, е распоредена на работно место Раководител на Сектор за координација на активностите на Министерот во Кабинетот на МНР, а од 2012 до јуни 2017 година, Миовска е Помошник-директор за аналитичко истражување во Директоратот за аналитика и јавна дипломатија. Од јуни 2017 до август 2018 година е Помошник-директор за координација на активностите на Министерот - Директорат за координација на активностите на Министерот (Кабинет на МНР).
На 03 август 2018 година, со Указ на Претседателот, Александра Миовска е именувана за вонреден и ополномоштен амбасадор во Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, каде должноста ја презема на 6 септември 2018 година со предавање на копиите од акредитивните писма на Шефот на Протоколот во Форин Офис. На 8 ноември 2018 година, во Бакингемската палата во Лондон, Миовска ги предаде оригиналите од акредитивните писма за нејзиното именување, на Н. В. Кралицата Елизабета Втора.
Во 2020 година, со Указ на Претседателот, Миовска е именувана за нерезидентен вонреден и ополномоштен амбасадор во Ирска, каде на 5 март 2020 година, во Даблин, ги предаде оригиналите од акредитивните писма за нејзиното именување на Претседателот на Ирска, Мајкл Хигинс.
Образование
Александра Миовска има дипломирано на Правниот факултет (правосудна насока) – Универзитет Свети Кирил и Методиј во Скопје (1992).
Во 1995 година има положено правосуден испит откако помина двегодишно волонтирање во Основниот суд Скопје 1 Скопје.
По вработувањето во Министерството за надворешни работи (1995), Александра Миовска има учествувано на повеќе дипломатски курсеви, семинари, работилници и обуки од кои позначајни се: Strategic Analysis and Policy Planning – a programme of discussion, debate and practical exercises funded by the FCO and conducted by the Centre for Political and Diplomatic Studies (Маврово, 2017); Project Capacity building for the MFA of the Republic of Macedonia funded by the British Embassy and conducted by the Centre for Political and Diplomatic Studies – “Public Diplomacy and Strategic Communication” (Скопје, 2014); Алумни програма за обука за меѓународни преговори, Institute for International Relations “Clingendael” – The Hague (Хаг, 2009); Обука, „Бизнис Процес Менаџмент Систем“, Секретаријат за информатичко општество (Скопје, 2008); Семинар за дипломати од ЈИЕ во Управата за дипломатска едукација, МНР на Шведска (Стокхолм, 2000); Курс за млади дипломати од Средна и ЈИЕ, Institute for International Relations “Clingendael” - The Hague (Хаг, 1997); Курс за млади дипломати, Institute International d’Administration Publique – Paris (Париз, 1995).