Средба Османи- Кулеба во Лоѓ

01 декември 2022

Османи: Во фокусот на нашето претседавање ќе биде враќањето на мирот и стабилноста во Украина

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на маргините на ОБСЕ Министерскиот состанок, во Лоѓ, денес оствари билатерална средба со Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Република Украина.

На средба, Османи ја реафирмираше недвосмислената поддршка на Северна Македонија за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина, како и солидарноста со украинскиот народ во нивната борба за враќање на слободата и надминување на последиците од руската воена агресија. Воедно, Османи подвлече дека поддршката на Украина ќе биде примарен приоритет и за време на претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ идната година.

“Нашите напори ќе бидат фокусирани на обезбедување континуирано присуство и ангажман на ОБСЕ во Украина, обезбедување програмска поддршка во сите три димензии преку новоформираната Програма за поддршка за Украина како и праќање на специјален претставник на претседавачот на ОБСЕ, за политичко известување” истакна Османи.

Воедно, Османи изрази подготвеност, идната година да ги стави во функција сите капацитети и механизми на ОБСЕ, со цел помагање на  засегнатото население во Украина во  справувањето со предизвиците кои произледуваат од енергетската и прехранбената криза.