Исаки учествуваше на Министерска тркалезна маса за антикорупција во Хаг

30 ноември 2022

 

Заменик министерката за надворешни работи, Фатмире Исаки учествуваше на Министерската тркалезна маса за антикорупција, во организација на МНР на Холандија, Канада и Еквадор, што се одржа во Хаг на 28-29 ноември. Целта на оваа тркалезна маса беше размена на мислења за важноста од ставање на корупцијата на меѓународната агенда и одржување на политичката волја за колективно решавање на овој сериозен општествен проблем. ,,Владата на Северна Македонија иако успеа да изгради стабилно и мултиетничко општество сепак се справува со корупцијата која е пречка за натамошниот прогрес на земјата и ја спречува земјата да го постигне целосниот економски, социјален и образовен потенцијал, но истовремено претставува и најголема причина и за иселувањето, особено за нашата младина”, истакна Исаки во својот настап.

 На Тркалезната маса учествуваа министри и заменици министри, како и високи функционери и признати експерти од областа на антикорупцијата, кои ги потврдија заложбите за зајакнување на меѓународната соработка во борбата против високата корупција и клептократија и изразија поддршка за т.н. министерски принципи и нивна имплементација во пракса со преземање краткорочни, среднорочни и далекурочни конкретни мерки, како и разменија мислења за новата иницијатива за формирање на Меѓународен суд за антикорупција како потенцијална солуција.

На маргините на состанокот, ЗМНР Исаки оствари билатерални средби со домаќинот, МНР Хукстра, МНР на Канада, М. Џоли, МНР на Бугарија, Н. Милков, како и со нејзините хомолози од Хрватска, Грузија, Романија и Сингапур, при што беа разменети мислења околу билатералните односи, тековните ЕУ случувања и на темата на состанокот.

ЗМНР исто така учествуваше на експертскиот настан за воспоставување на Меѓународен суд за антикорупција, на кој беа разменети експертски мислења како да се пополнат пропустите во меѓународната правна рамка во борбата против високата корупција.