Денес, на 16 јуни, на маргините на Преспа Форум Дијалогот во Охрид, министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија, Бујар Османи оддржа одделни средби со министерот за надворешни и европски работи на Република Словачка, Иван Корчок и со заменик министерот за надворешни работи на Република Чешка, Алеш Хмелар.
На средбите беше констатирано задоволство од исклучително интензивните и пријателски односи кои се рефлектираат со динамичен политички дијалог, солидна економска соработка и развиена секторска соработка. Чешка и Словачка се наши важни партнерски и пријателски земји, кои беа и остануваат силни поддржувачи за реализација на надворешно политичките приоритети на Северна Македонија.
Во светло на актуелното француско и идното чешко претседателство со ЕУ, беа разменети мислења околу перспективите за деблокада на евроинтегративниот процес на Северна Македонија и Албанија, текот на дијалогот со Бугарија и можните сценарија и за ургентната потреба Унијата геостратешки да делува во нашиот Регион. Воедно, беа презентирани и нашите очекувања за ангажман на идниот претседавач Чешка, од аспект на засилена европска интеграција на земјите од Западен Балкан.
Соговорниците се согласија дека руската инвазија на Украина ја наруши стабилноста и безбедноста на Европа, предизвика енергетска криза и инфлација и ги постави новите предизвици кои несомнено бараат заедничко делување и солидарност, како во рамки на Европската Унија, така и во рамки на Алијансата.
Охрид, 16 јуни 2022 г.