„Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“

19 мај 2022

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи на денешната прес конференција ги престави деталите за второто издание на Преспа форумот за дијалог, кој оваа година ќе се одржи на 16 и 17 јуни во Охрид.

„Колку е отпорен светот во кој живееме? Дали евроатлантската безбедносна архитектура, втемелена на структурите на НАТО и ОБСЕ, е подготвена да го одржи меѓународниот мир? Колку е регионот подготвен да ги издржи притисоците на современите предизвици? Во фокусот на дискусиите ќе доминираат актуелните теми, секако проектирани низ нашата регионална призма: градењето на отпорна безбедносна средина; зацврстување на стратешките партнерства; европската и евроатлантската перспектива на регионот, меѓусебната соработка, климатските промени и влијанија, итн.“ истакна Османи, најавувајќи ја темата на овогодинешното издание на Преспа форумот за дијалог - „Градењето на иднината на Западниот Балкан во современата европска безбедносна архитектура“.

На овогодинешното издание на Преспа Форумот за дијалог, потврдени се видни гости од регионот и пошироко. На самото отворање на Форумот ќе се обратат Претседателот со Европскиот Совет, Шарл Мишел, потсекретарката на Обединетите Нации за политички прашања - Розмари ди Карло како и актуелната генерална секретарка на ОБСЕ Хелга Шмит. Домаќин на отоврањето ќе биде Претседателот Пендаровски кој оваа година е покровител на настанот, а засега потврдено присуство имаат и Претседателите од Регионот, како што се Борут Пахор од Словенија, Вјоса Османи од Косово, Мило Ѓукановиќ од Црна Гора, како и Премерот на Косово, Албин Курти.

„Од регионален аспект, особено е важно што на Форумот ќе присуствуваат и клучните Специјални претставници за регионот од САД, ЕУ, Обединетото Кралство и Германија; соодветно - заменик помошник секретар на САД Габриел Ескобар, потоа Мирослав Лајчак, Сер Стјуарт Пич и Мануел Сарацин. Тоа ќе биде за прв пат токму сите четворица специјални претставници за регионот да бидат присутни на едно место, или на еден панел, и тоа во посета на регионот. Она што е особено важно за нас е дека сите четворица во рамките на Преспа форумот за дијалог, ќе учествуваат на состанокот - Б6, со министрите за надворешни работи од регионот. “, истакна  Османи, посочувајќи на иницијативата Б6 која на негова иницијатива беше лансирана минатата година исто така за време на ПФД.

На форумот веќе има потврда за учество и од бројни министри за надворешни работи, меѓу кои и Збигњев Рау од Полска, Грлиќ Радман од Хрватска, Иван Корчок од Словачка, Мевљут Чавушоглу од Турција, Бисера Турковиќ од Босна и Херцеговина, надбискупот Пол Ричард Галагер, секретар на Светата столица за односи со државите и други.

За време на конференцијата Османи го најави и овогодинешниот „ворм ап“ настан кој под насловот „Патот до Брисел“ ќе се одржи на 25 мај во Клубот на пратениците. На промотивниот настан потвредени се признати експерти и претставници на домашни, регионални и европски институти и тинк тенкови како што се Јоанис Армаколас од ЕЛИАМЕП, Марија Симеонова од ЕЦФР, Милена Лазаревиќ од Центарот за европска политика во Белград, Ардијан Хачкај, директор на форумот за поврзување во Тирана, Демуш Шаша од Институтот за европска политика во Приштина, Јелена Џанкиќ од Центарот Роберт Шуман од Фиренца и многу други звучни имиња.

 

Скопје, 18 мај 2022 година