СРЕДБА ОСМАНИ – НУЛАНД

11 мај 2022

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денес, оствари средба со Викторија Нуланд, потсекретар за политички прашања, во Стејт департментот, на маргините на министерскиот состанок на Глобалната коалиција за борба против ИСИС, во Маракеш.

 Во фокусот на разговорите беше претстојното одржување на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, на 2-ри јуни, во Вашингтон, што претставува голем дипломатски успех и нов исчекор во билатералните односи меѓу двете земји. Северна Македонија е прва земја од Западен Балкан што одржува стратешки дијалог со САД, што говори за заемните заложби за унапредување соработката во сферите од интерес.

 “Стратешкиот дијалог претставува потврда за силното сојузништво меѓу двете земји и надградување на долгогодишното стратешко партнерство. Воедно, тоа е израз на нашите заеднички заложби за зајакнување на врските и промовирање на споделените вредности за демократски развој и стабилност во регионот, кој претставува составен дел на евро-атлантската заедница” истакна Османи.

 На средбата, министерот Османи изрази благодарност за недвосмислената американска поддршка  за нашите евроинтегративни процеси. Политиката на проширување на ЕУ е безбедносно прашање и оттука членството на регионот во Унијата е од суштинска важност за европската безбедност.

 Дополнително, беше истакната потребата од зајакнато присуство на САД во нашите простори како гаранција за регионалната стабилност, што е особено значајно во контекст на актуелните безбедносни состојби.

 Соговорниците разменија мислења и за состојбите во Украина, изразувајќи поддршка за земјата и солидарност со украинскиот народ, како и силна осуда за руската воена инвазија.

 

Maракеш, 11 мај 2022г