Османи – Трас: Западен Балкан останува приоритет за Обединетото Кралство

14 декември 2021

Министрот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на престојот во Лондон се сретна со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лиз Трас. Двајцата министри разговараа за развојот на билатералните односи меѓу двете земји, но голем дел од разговорот беше посветен и на регионалните предизвици и европската перспектива на Северна Македонија.

На средбата беше констатирано дека текот на имплементацијата на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство е многу значајна компонента во развојот на целокупните релации. Разговараа и за континуираната успешна соработка во областа на одбраната, а како исклучително значајна е долгогодишната британска поддршка за јакнење на воените капацитети на нашата земја и секако за соработката во НАТО, како уште една алка на поврзување и соработка  на двете земји во иднина.

Соговорниците констатираа дека Западниот Балкан има важна улога за севкупната стабилност и напредок на Европа, а интеграција на регионот во Европската Унија претставува взаемен геостратешки интерес од политички, безбедносен и економски аспект. Соговорниците се согласија дека е неопходен е засилен ангажман и присуство во регионот на Обединетото Кралство, САД и Европската Унија што ќе придонесе кон остварување на заедничката цел – стабилен и просперитетен Регион. Европската и евроатланската перспектива остануваат главна движечка сила за трансформација на сите земји од Регионот во демократски и економско развиени општества и во таа насока отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија позитивно на стабилноста и долгорочниот развој на целиот континент.

Османи на маргините на министерскиот состанок во Лондон се сретна и со Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина и Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, но и со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисерка Турковиќ. Исто така, министрот Османи се сретна и со министерката за Европа и Америките на Обединетото Кралство, Венди Мортон како и со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на Премиерот, Борис Џонсон, каде што се збореше за нови потенцијали за бизнисите; потенцијали и за нови странски инвестиции, но и можности за проширување на постоечките бизнис капацитети во земјава.

Лондон, 13 декември 2021 година