Средба Османи - Лосон по повод предавање на копиите од акредитивните писма

20 July 2022

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денес ги прими копиите од акредитивните писма на вонредниот и ополномоштен амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска во нашата држава, Метју Лосон. 

Министерот Османи, посакувајќи му успешна мисија на новиот Амбасадор, го истакна задоволството од одличните македонско – британски односи, кои се карактеризираат со интензивна размена на посети и средби на високо ниво, што претставува потврда на силната определба и интерес на двете земји за натамошно зацврстување на традиционалното пријателство меѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство. Соговорниците ја поздравија динамиката во рамки на трговските односи меѓу двете земји, со очекување дека истите ќе продолжат да се унапредуваат интензивно и во наредниот период, пред сé имајќи го предвид напредокот во трговската соработка постигнат со потпишувањето на Договорот за партнерство, трговија и соработка во декември 2020 година и одржувањето на првиот инаугуративен Совет во Скопје во октомври 2021 година, како највисоко тело за негова имплементација во иднина. 

Во контекст на динамиката на европската перспектива на Регионот, се заблагодари за поддршката и експертизата која Северна Македонија во континуитет ја добива од Обединетото Кралство во рамки на реформските процеси. МНР Османи го информираше амбасадорот Лосон за последниот статус на евроинтегративниот процес на нашата земја, одржувањето на Првата политичка меѓувладина конференција и стартот на скрининг процесот, ветувајќи посветена работа во процесите кои следуваат поврзани со процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ. 

 

Скопје,  20 јули 2022 година