Амбасада на Република Северна Македонија во Велика Британија

Suite 2.1 & 2.2, Buckingham Court, 75-83 Buckingham Gate, London SW1E 6PE

Тел: ++ 44 207 976 0535

Факс: ++ 44 207 976 0538

Најнови вести

Османи средба со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на Обединетото Кралство

Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска оствари средба со специјалниот претставник на Премиерот на Обединетото Кралство за трговија со Западен Балкан, Мартин Викерс. На средбата Министерот Османи ја поздрави континуираната поддршка која Република Северна Македонија ја добива од Обединетото Кралство, која е втор најголем економски партнер на нашата земја и главен странски инвеститор, а исто така е една од првите држави која низ долги децении инвестира во зголемување на безбедноста и политичката стабилност во овој дел од Балканот.  Османи се осврна на исклучителната соработка на економски план помеѓу Обединетото Кралство и Северна Македонија,додека личната заложба на Викерс преку неговиот ангажман и посети кои ги реализира во регионот, ќе бидат движечката сила за понатамошното продлабочување на соработката помеѓу двете земји во насока на унапредување на големи проекти не само во Северна Македонија туку и во регионот како што е патната и железничкото поврзување, потоа проекти за обновлива енергија, потенцирајќи го значењето на зелената агенда во билатералната соработка го потенцираше интересот за инвестирање во полето на менаџирањето на отпадот и на отпадните води. Воедно Министерот Османи предложи двете страни да усогласат Акционен план за дејствување за 2022 година и понатаму, кој ќе служи како рамка за практично спроведување на сите наведени проекти. Во духот на соработката на економски план беше истакнато значењето на новиот концепт на економска дипломатија која го спроведува МНР и беше упатена отворена покана за посета на ОК со цел размена на искуства на стручните тимови на двете Министерства во насока на отварање на нови пазари за македонските производи со акцент на земјите од Комонвелтот и Далечниот исток каде ОК има традиционални долгогодишни трговски врски. Мартин Викерс, претставникот на Премиерот на Обединетото Кралство- Борис Џонсон, заблагодарувајќи се на одличната соработка, најави скорешна посета во своето второ својство како претседател на парламентарната група за пријателство меѓу двете земји во најскоро време при што го истакна значењето на развојот на парламентарната дипломатија. Воедно повтори дека влезот на британски know howи компании кои имат искуство во енергетиката, инфраструктурата, смарт концептите за развој, железницата и други големи области од витално значење за нас, но и за регионот, е мошне мотивирачка порака која би требало да даде силен импулс на Владите во регионот,да работат токму во изнаоѓање на најдобри решенија за своите идни капацитети. На средбата се истакна и важноста на неодамна потпишаната Спогодба за партнерство, трговија и соработка,со што уште еднаш се потврдува заедничкиот политичко економски интерес и поддршка.  

16 февруари, 2022

Османи: Потребни се храбри политички чекори од сите партнери за обнова на европскиот моментум на Западниот Балкан

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи учествуваше на состанокот на министри за надворешни работи од Западен Балкан, на покана на државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лиз Трас. На состанокот како специјални гости беа Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина и Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан. Главна тема на дискусија беа актуелните предизвици на земјите од Западниот Балкан: беа отворени темите поврзани со економскиот развој, регионалната соработка и можностите за зголемување на трговската соработка; европската и евро-атлантската перспектива, како неопходен услов за демократски, институционален и политички напредок на земјите; како и предизвиците на регионалната безбедност, вклучително и перспективите за надминување на отворените прашања кои ја загрозуваат неговата интеграција. Зборувајќи за актуелните состојби на Балканот, Османи нагласи: „Блокадата на Европските интеграции за Северна Македонија и Албанија е неправилна, неоправдана, и таа создава недоверба во целиот регион. Потребни се храбри политички чекори од сите членки на Унијата, пред сѐ од Република Бугарија, но и од останатите партнери во ЕУ; тука секако сметам и на нашата подготвеност за искрени компромиси со цел затворање на ова поглавје и отворање на перспективите за Северна Македонија и за целиот регион. Уверен сум дека е тоа наједноставниот, и веројатно во овој момент, единствениот начин со кој може да се предизвика нов европски и евроатлантски моментум на Балканот“. Во оваа насока Османи ја поздрави одлуката на британската влада за назначување на специјалниот пратеник на Обединетото Кралство задолжен за регионот на Западен Балкан, Сер Стјуарт Пич, оценувајќи го како чин кој ќе придонесе за подобрување на регионалната стабилност и просперитет на регионот, како и за промовирање на силни демократски институции и отворени општества. На состанокот, беше презентирана и неодамнешната британска иницијатива за Превенција на сексуално насилство во конфликт, која Република Северна Македонија ја поддржа. Дополнително, беа разменети мислења за активностите и заложбите на земјите учеснички на Глобалниот Самит COP 26 што се одржа во Глазгов овој ноември за намалување на климатските промени . Во овој контекст, МНР Османи брифираше детално за заложбите на Северна Македонија да ги намали емисиите на стакленички гасови за 51%  до 2030 година. Во рамки на престојот, МНР Османи оствари и  одделни билатерални средби со домаќинот, Лиз Трас, Габриел Ескобар, Мирослав Лајчак; Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на Премиерот, Борис Џонсон; но и со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисерка Турковиќ, на кои беа разменети мислења за билатералната и регионална соработка.  

Лондон, 13 декември 2021 год.

Османи – Трас: Западен Балкан останува приоритет за Обединетото Кралство

Министрот за надворешни работи, Бујар Османи, за време на престојот во Лондон се сретна со државниот секретар за надворешни работи, Комонвелт и развој на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Лиз Трас. Двајцата министри разговараа за развојот на билатералните односи меѓу двете земји, но голем дел од разговорот беше посветен и на регионалните предизвици и европската перспектива на Северна Македонија. На средбата беше констатирано дека текот на имплементацијата на Спогодбата за партнерство, трговија и соработка помеѓу Северна Македонија и Обединетото Кралство е многу значајна компонента во развојот на целокупните релации. Разговараа и за континуираната успешна соработка во областа на одбраната, а како исклучително значајна е долгогодишната британска поддршка за јакнење на воените капацитети на нашата земја и секако за соработката во НАТО, како уште една алка на поврзување и соработка  на двете земји во иднина. Соговорниците констатираа дека Западниот Балкан има важна улога за севкупната стабилност и напредок на Европа, а интеграција на регионот во Европската Унија претставува взаемен геостратешки интерес од политички, безбедносен и економски аспект. Соговорниците се согласија дека е неопходен е засилен ангажман и присуство во регионот на Обединетото Кралство, САД и Европската Унија што ќе придонесе кон остварување на заедничката цел – стабилен и просперитетен Регион. Европската и евроатланската перспектива остануваат главна движечка сила за трансформација на сите земји од Регионот во демократски и економско развиени општества и во таа насока отворањето на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со Европската Унија позитивно на стабилноста и долгорочниот развој на целиот континент. Османи на маргините на министерскиот состанок во Лондон се сретна и со Стјуарт Пич, специјалниот претставник на Обединетото Кралство за Западен Балкан, Мирослав Лајчак, посебен претставник на ЕУ за Западeн Балкан и дијалогот Белград – Приштина и Габриел Ескобар, заменик помошник државен секретар за европски и евроазиски прашања и специјален претставник на САД за Западен Балкан, но и со министерката за надворешни работи на Босна и Херцеговина, Бисерка Турковиќ. Исто така, министрот Османи се сретна и со министерката за Европа и Америките на Обединетото Кралство, Венди Мортон како и со Мартин Викерс, специјален пратеник за трговија со Западен Балкан на Премиерот, Борис Џонсон, каде што се збореше за нови потенцијали за бизнисите; потенцијали и за нови странски инвестиции, но и можности за проширување на постоечките бизнис капацитети во земјава.

Лондон, 13 декември 2021 година

Туристички дестинации

Кањон Матка, Скопје

Крушево

Широк Сокак, Битола